Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово Авдулах Хоти побара самораспуштање на Собранието, откако беа одложени денешните седници на собраниските комисии поради отсуство на пратениците од владејачката коалиција, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоти на својата страница на Фејсбук напиша дека ваквиот начин на владеење е штетен за државата и мора да престане.
– Повеќето седници на собраниските комисии денеска пропаднаа поради отсуство на пратениците на коалицијата ПАН (Демократската партија на Косово – ПДК, Алијансата за иднината на Косово – ААК и Социјалдемократската иницијатива – Нисма). Би било упатно политичките партии да седнат заедно за да го распуштат Собранието. Косово заслужува да има легитимни, доверливи институции, кои ќе се соочат со предизвиците. Оваа форма на владеење мора да заврши бидејќи му штети на секој процес во државата, напиша Хоти.