„Есенските музички свечености“, кои презентираат класична музика и, главно, од камерни состави, годинава на програмата имаат и концерт на народна музика. Посветен е на доајенот на изворната песна Никола Бадев и ќе се одржи вечер од 20 часот во Македонската опера и балет.
На концертот, насловен „Никола Бадев – 100 години од раѓањето, 70 години во етерот“, ќе настапат: Гоце Цоневски; Круме Спасовски; Ванчо Тарабунов; Душко Георгиевски; Зуица Лазова; Наум Петрески; Виолета Томовска; Александар Тарабунов; Сузана Спасовска; Благоја Грујовски; Добрила Ивановска-Чабриќ; Бубо Каров; Трио „Гранде“; Елена Андонова и Мишко Крстевски, Оркестарот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ под раководство на Милан Завков и Изворниот оркестар на „Танец“ под раководство на Бајса Арифовска.
Никола Бадев (1918-1976) е меѓу најпознатите пејачи на изворни македонски песни, а бил и собирач на народни песни. Во 1948 година го освоил првото место на Фолклорниот фестивал во Скопје, оставајќи голем впечаток кај етномузикологот Васил Хаџиманов по чија препорака во 1950 година ја почнал професионалната кариера како пејач и инструменталист на тамбура. Набргу станал член на Народниот оркестар, а подоцна бил и негов раководител. Забележан од истакнатите етномузиколози, Бадев за кусо време станал член на Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.
За потребите на Радио Скопје, Бадев снимил над 500 песни, меѓу кои најпознати се: „Збогум, мајко, јас отидов“, „Ој, Јано, Јано“, „Параходот ми пристигна“, „Тешка беше нашата разделба“, „Билјана платно белеше“, „До три ми пушки пукнаа“, „Ферман дојде џанам од Стамбола“ итн.
За своите 58 години живот станал вистински народен уметник, кој самиот рекол „Песната е мојот живот“.