Во организација на Федерацијата на индустрии од Северна Грција, денес и утре во Солун ќе се одржи третиот „Thessaloniki summit“, кој оваа година е под наслов „Европската перспектива, поврзаноста, индустрискиот развој и соработката на Западен Балкан“, јави дописничката на МИА од Атина.
Премиерите на Грција, Бугарија и Србија – Алексис Ципрас, Бојко Борисов и Ана Брнабиќ, како и вицепремиерката на Романија, Ана Бирчал, вечерва ќе говорат за „Регионалната соработка како дел од европската интеграција“.
На дводневниот самит ќе стане збор и за теми поврзани со енергетиката, поврзувањето, инфраструктурата, иновациите, инвестициите и сл.
Меѓу учесниците се и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, градоначалникот на Солун, поранешни грчки министри, голем број амбасадори во Грција, грчки пратеници, новинари, професори.
Со свое обраќање утре самитот ќе го затвори лидерот на грчката опозициска партија, Кирјакос Мицотакис.