Словенија ќе учествува на конференцијата за миграција во Маракеш во декември, и покрај резервите што пред една недела јавно ги изрази во врска со Глобалниот договор на Обединетите нации за регулација на миграцијата, потврди денеска словенечкиот министер за надворешни работи Миро Церар, по редовната владина седница.

– Словенија ќе учествува во Маракеш при прифаќањето на договорот на ОН за миграцијата, изјави Церар, додавајќи дека предвидената т.н. Маракешка декларација е политички документ кој од земјите кои се придружуваат не бара промена на националното законодавство, туку дозволува секоја земја и натаму да ја сочува „целосната сувереност“ кога станува збор за нејзината мигрантска политика.

Отфрлувајќи ги критиките на опозицијата дека со предвидената Декларација од Маракеш се укинува разликата меѓу законска и незаконска миграција и се брише разликата меѓу бегалци и економски мигранти, Церар оцени дека Глобалниот договор на ОН за регулација на миграцијата е позитивен чекор.

– Меѓу другото, тој ни овозможува заедно со другите земји да ја спречуваме миграцијата, додаде шефот на словенечката дипломатија.

Според него, Глобалниот договор не создава ниту нова категорија мигранти, како што тврди десничарската опозиција во Словенија, ниту, пак, миграцијата станува прашање на човековите права, а притоа јасно ја дели легалната од нелегалната миграција.

Глобалниот договор за безбедни, регулирани и легитимни миграции, како што е официјалното име на документот е донесен во ОН во јули, а треба да биде потврден во Маракеш. Тој дефинира 23 цели во процесот на побезбеден и порегулиран проток на луѓе.

Во Маракеш, договорот треба да биде потврдено со акламација, а државите што пристапуваат нема да го потпишуваат.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 15:21