Секторот за борба против трговијата со дрога на грчката полиција во соработка со властите на САД и на Еквадор, преку координирани и паралелни акции усепа да разбие меѓународна мрежа, која по морски пат од Јужна Америка пренесувала големи количества кокаин наменет за светскиот нарко пазар, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопшти грчката полиција, уапсени се вкупно девет лица на возраст од 23 до 63 години, членови на меѓународната група, од кои тројца во Грција, а шестмина во Еквадор, а запленети се 382 килограми кокаин пронајдени на едрилица во Еквадор.

Проценките се дека нелегалниот профит на криминалната организација која била поделена во две групи е над 11 милиини евра.

Портпаролот на грчката полиција, Теодорос Хронопулос изјави дека од истрагата произлегло дека седиштето на меѓународната мрежа било во Еквадор, а соработниците од Грција имале задача да обезбедат помошни делови за чамците, опрема и екипаж.

– Членовите на организацијата во Грција ги имале следните надлежности: 63-годишниот и 41-годишниот биле одговорни за планирање, организирање, финансирање и управување со пренесувањето по морски пат на големо количество кокаин со едрилица од Еквадор во Австралија. Директен нивен соработник бил 42-годишниот грчки државјанин, кој бил одговорен за контрола и одредување на деталите и процедурите на конкретниот трансфер, истакна портпаролот на грчката полиција.

Истрагата на грчката полиција во соработка со власти од други земји, продолжува, за откривање на други аспекти на случајот, додека пак уапсените ќе бидат изведени пред јавен обвинител во Атина.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 16:05