Делегација на Агенцијата за вработување на Република Македонија предводена од директорката Билјана Јовановска денеска оствари работна средба со делегација на Агенцијата за вработување на Република Бугарија.

Директорите на агенциите за вработување на Македонија и на Бугарија Билјана Јовановска и Драгомир Николов денеска на средба во Софија разменија искуства за развојот на пазарот на труд во двете држави.

Пред македонската делегација експерти од Агенцијата за вработување на Бугарија ги презентирале политиките за намалување на невработеноста кои ги имплементираат како земја членка на Европската Унија каде стапката на невработеност е 5,6 проценти.

Од АВРМ информираат дека посебно внимание е посветено на размена на искуства на полето на евиденција и анализа на пазарот на труд, законската регулатива и постапки за вработување на странски државјани како и посредување при вработување – услуга на чие подбрување моментно работи Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Претставниците на агенциите за вработување разговарале и за поволностите од ИПА фондовите кои ги имаат земјите членки на Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 17:14