Европската комисија до земјите членки на ЕУ достави извештај за напредокот на Србија во поглавјата 23 и 24 во процесот на пристапни преговори со Европската унија, во кој се констатира дека недостасуваат конкретни резултати во клучните области.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, станува збор за внатрешен документ кој служи за размена на мислења меѓу членките на ЕУ.

Српските медиуми кои имале увид во документот посочуваат дека во него оценува дека нема конкретни резултати во судските реформи, борбата против корупцијата, расветлувањето на воените злосторства и слободата на медиумите.

Во извештајот се наведува дека Србија постигнала одреден напредок во некои области, како што се институционалните реформи, правата на националните малцинства, борбата против перењето пари и прашањето за азил.

Во документот се заклучува дека „нема видливи резултати“ во борбата против корупцијата и се нагласува дека за да се постигнат опипливи резултати во оваа сфера, неопходно е да зајакне граѓанското општество и да се подобри координацијата и контролата „пропратена со силна политичка волја на сите нивоа“.

Експертите на Европската комисија заклучуваат дека Србија „сериозно доцни“ во обезбедувањето ефективна контрола на антикорупциската политика и во подобрување на координацијата помеѓу сите релевантни институции.

Според извештајот, Србија не покажала резултати и во борбата против корупцијата. Во документот се наведува дека резултатите се „ограничени“ во ефекасната истрага, гонењето и пресудите во случаи на корупција на високо ниво, особено оние кои вклучуваат политички изложени лица.

Исто така, се тврди дека постои недостиг на напредок, како во однос на усвојувањето на клучните закони, така и во практичната имплементација на антикорупциските реформи.

– Коментарите за тековните истраги, обвиненија или судски постапки може да биде форма на непотребен политички притисок или влијание врз обвинителството и судството, потенцираат експертите на Европската комисија, напоменувајќи притоа дека Високиот судски совет во повеќе наврати реагирал на бројни изјави во врска со посточките судски постапки.

Оваа година Србија покажала напредок во решавањето на судските постапки и докажала дека во изминатата година има позитивен раст од 10 проценти во решавањето на судските постапки.

– Во врска со областа на процесуирањето на воени злосторства, усвена е стратегија на Обвинителството и спроведени се одредени процедурални мерки и институционално зајакнување. Во исто време, Србија допрва треба да ја покаже евиденцијата на обвиненија врз основа на сопствените истраги и конечните пресуди, наведува Европската комисија.

Со усвојувањето на Поглавјето 23 во преговорите за пристапување, Србија се обврза да го преиспита својот Устав во согласност со европските стандарди за независноста и одговорноста на судството. Во документот се наведува дека овој процес требало да започне во текот на втората половина на 2016 година и да заврши до крајот на 2017 година, но дека со него се доцни.

– Што се однесува до слободата на изразување и медиумите, општото опкружување се уште не е погодно за остварување на овие права, се вели во документот, во кој се нагласува дека има загрижувачки случаите на закани, заплашување и насилство врз новинарите, како и дека пресудите за овие прашања „се уште се ретки“.

Во документот се нагласува дека „говорот на омраза и дискриминаторската терминологија често се толерираат во медиумите, а со ова ретко се занимаваат регулаторните тела или обвинителите“.

– Србија бележи зголемени напорите во областа на миграцијата, азилот, граничното управување, судската соработка и зголемените напори во областа на финансирање истраги, борба против перење пари и конфискација на имотот. Сето ова уште треба да покаже подобри резултати во борбата против организираниот криминал, се вели во документот на Европската комисија.

Комисијата ја повикува Србија да ги ревидира „реалистично и квалитетно“ своите акциски планови, кои би можеле да ја водат на нејзиниот пат кон пристапувањето во ЕУ и овој процес да го спроведе во инклузивен и конструктивен дијалог со сите заинтересирани страни и со граѓанското општество.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 17:42