Туризмот како стопанска дејност во светски рамки учествува со просечно десет проценти во Бруто домашниот производ (БДП) на секоја економија. Секое деветто вработување е во областа на туризмот, а токму со својата моќност како економска гранка туризмот секоја година ги урива рекордите и парадоксите, како и предвидувањата дури и на најопстимистичките експерти во областа.

Ова го посочува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски во интервјуто за МИА во кое додава дека туризмот зачинет со останатите елементи на економијата дава добра слика во БДП-то на земјата.

Според него македонската туристичка индустрија е во добра кондиција, но мора да се работи на поголем квалитет на понудата.

– Кога ќе ги погледнеме статистиките, ние сме во добра кондиција. Туризмот во Македонија во последната деценија расте, со бројот на туристи приближно околу 150 проценти и 140 проценти со бројот ноќевања. Во последните осум месеци имаме зголемување на бројот туристи за 15 проценти, односно зголемување на бројот ноќевања за 16 отсто. Тоа е материјализирано со 26,5-процентно зголемување на директниот девизен прилив во македонското стопанство од секторот туризам. За првпат во Македонија во првите шест месеци оваа година се влеале директно 151,2 милиони долари. Тоа помножено со 2,3 ја дава директната додадена вредност на туризмот во другите гранки на економијата. Јас се надевам и храбро изјавив во февруари дека во Македонија оваа година ќе има 1,2 милиони туристи и 3,2 милиони ноќевања, со вкупно остварени околу 400 милиони долари директен економски импакт од туризмот. Тоа воопшто не е малку, оттаму што туризмот е двигател на економијата во одреден број земји. Но дали квантитетот ќе го донесе квалитетот, тоа е она што е потребно во туризмот, како да добиеме бенефит од се она што се случува, како да ги задржиме подолго туристите и како тие повеќе да потрошат во Македонија. Можеби сме на пат да успееме.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2018 09:33