Пред нас е економска година во која парите на народот уште повеќе ќе одат во проекти за поддршка на граѓаните од сите категории, особено најранливите. Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благостојба. Со буџетските промени за 2019 најавуваме пресвртница во економските политики. Силниот фокус на евроатлантските интеграции го зајакнуваме со Буџет за растечка економија, за социјална оправедност, за поквалитетни здравствени услуги и за подобро живеење на сите.
Ова го истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата на која заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски ги презентираа проекциите на Буџетот за 2019 година.
Според него, Буџетот е во функција на одржливост на четирите столбови и тоа за политиките за вработување и за социјална сигурност, за поддршка на домашната економија, за забрзување на реализацијата на инфраструктурните проекти и интезивирани процеси за евроинтеграцијата.
– Ова се парите на секој од вас за да се вратат назад во заедницата до секој граѓанин низ програми и политики што произведуваат економски развој општествена благосостојба, социјална праведност и подобра живеачка за секој граѓанин на РМ без ниту еден исклучок, потенцира Заев и порача дека сега е време да се испорачуваат економските резултати и социјалната правда.
Премиерот смета дека Буџетот за наредната година ќе направи сериозно придвижување на реализација на капиталните инвестиции, особено во проекцијата за социјалната сигурност, праведност и солидарност, за јавната админситрација, како и за поддршката на нашите евроатлански интеграции кои следната година влегуваат во клучна фаза, а за што се предвидени 8,3 милијарди денари во Министерството за одбрана кое е носител на реформите.
Посочи дека трендот на раст на платите ќе продолжи, а за невработеноста очекува да падне под 20 проценти. Најави поддршка во здравството, економијата…, но и поголеми плати за јавната администрација за добивање квалитетни услуги.
Во наредната година има за 37 проценти повеќе средства за зголемување на конкуренцијата, преку мерки за нови инвестициски вложувања, за поддршка на извозот и усвојување нови пазари, за поддршка и создавање нови вработувања, за малите и средните претпријатија, за субвенции за иновативна дејност и за странски инвестиции во ТИРЗ.
Во здравството, како што рече Заев, предвидени се 30 милијарди денари, што е за две милијарди денари повеќе од оваа година. – Во делот на здравството за да се зголеми мотивацијата и да се заштити професионалното достоинство се предвидува зголемување на платите на специјалистите за 10 проценти почнувајќи од јануари 2019 година, но и на медицинските сестри за пет проценти од јануари. Со септемвриската плата овие плати на специјалистите ќе пораснат за дополнителни пет проценти. Просечниот приход на специјалистите заедно со покачувањето од лани ќе стигне над 90.000 денари, што значи во 2020 година очекуваме над 100.000 денари. Доминантен број специјалисти веќе имаат просечен приход од 120.000 или 130.000 денари, потенцира Заев.
Посочи на сериозна поддршка за земјоделското производство, за субвенции за што се предвидени 8,4 милијарди денари, а 512 милиони за рамномерен регионален развој.
Министерот за финансии Драган Тевдовски соопшти дека вкупните приходи во Буџетот за 2019 година се проектирани на 210,8 милијарда денари, а расходите на 228,5 милијарди денари со буџетски дефицит од 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари. За капиталните проекти се предвидени 26 милијарди денари каде не се вклучени поголемиот дел од изградбата на патиштата што се предвидени во буџетите на ЈП за државни патишта.
– Очекуваме да се реализираат во значителен износ, а тоа го темелиме на тоа што најголем дел од процедурите што предизвикаа слаба реализација годинава се надвинати. Најважнтие проекти се во патната и железничката, комуналната и енергетската инфраструктура, рече Тевдовски.
Позабрзана реализација на капиталните проекти очекува и премиерот Заев. – По три години е откочена изградбата на првата фаза од железничката пруга кон Бугарија. Кај гасификацијата се работи во двата правца и кон Битола и кон Кичево. Сите патишта се реализираат, освен оној кон Охрид, рече Заев и додаде дека тоа дава за право дека ќе се реализираат проектите.
Дополнително се очекува да почне реализација на проектот за Клинички центар, потоа израдба на канализации и водоводи, училишта, градинки….
За гасификацијата се предвидени 1,927 милијарди денари и дополнителни 50 милиони денари за експропријација за делот Гостивар – Кичево.
На прес-конфернецијата беше посочено дека се очекува интензивирање на економскиоте раст кој е проектиран на 3,2 проценти воден од личната потрошувачка, извозот и инвестициите.
Владата го усвои Предлог-буџетот за 2019 година на последната владина седница и го испрати до Собранието.