Осумнаесет ученици се наградени, а 12 добија пофалници за творбите што ги испратија на конкурсот за најдобри литературни и ликовни творби по повод меѓународните денови на штедењето и осигурувањето.
На доделувањето на наградите за конкурсот што годинава е најмасовен досега со над 1.100 литературни и ликовни творби од ученици од основно и средно образование беше порачано дека финансиската едукација треба да започне уште од основно училиште, како и дека треба да се вложува во унапредување на финансиската писменост, бидејќи таа придонесува за подобри финансиски одлуки и здрава економија.
– Колку е повисоко нивото на финансиска писменост, толку подобри финансиски одлуки се носат. Со финансиска едукација треба да се започне уште од основно образование. Децата треба да знаат која е функцијата на парите, што значи да се штеди. Затоа Министерството за финансии, како дел од Координативното тело за финансиска едукација, во текот на целата година организира предавања во основните и средни училишта. Во насока на финансиската едукација е и изработката на „Граѓанскиот буџет“, со кој на јавноста на едноставен начин и се дава увид во државниот буџет. На тој начин граѓаните имаат поголема контрола врз трошењето на државните пари, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.
Гувернерката на НБРМ Ангеловска-Бежоска укажа дека централната банка, веќе години наназад презема бројни активности на полето на финансиската едукација. Меѓу активностите реализирани оваа година, таа го издвои и мерењето на финансиската писменост во државата, реализирано од НБРМ, кое на регулаторните институции им овозможи јасна слика за нивото на финансиската писменост и претставува една од основите за планирањето на натамошните активности во сферата на финансиската едукација.
– За општеството, од нивото на штедење зависат инвестициите, а од инвестициите зависи и развојот и благосостојбата во економијата. Штедењето значи повеќе болници, а со тоа и подобар квалитет на нашиот живот, повеќе патишта кои ќе нè однесат посигурно и побрзо до нашата природна одредница – Европската Унија, поквалитетен образовен систем, а со тоа и соодветен човечки потенцијал без кој нема прогрес во општеството, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Според претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) Климе Попоски, раната финансиска едукација претставува клучен фактор за долгорочен развој на финансискиот систем во една држава. Во развиените земји степенот на финансиска едукација е на многу повисоко ниво и Агенцијата за супервизија на осигурувањето се залага и се стреми кон примена на повисоки стандарди кои ќе не однесат до посакуваните резулатати и општествена благосостојба. Меѓу останатото Попоски истакна дека АСО како регулатор на пазарот на осигурување години наназад презема многубројни активности на полето на финансиска едукација меѓу кои издавање корисни брошури и памфлети, друштвени игри за помладите од кои учат за ризиците и управувањето со нив, како и дека се организираат редовни предвања во основните и средни училишта.
онкурсот за литературни и ликовни творби по повод Денот на штедењето се одржува од 2012 година, додека од 2014 година тема на конкурсот станува и осигурувањето. Во текот на годината, Координативното тело за финансиска едукација во кое се претставници на НБРМ, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност има едукативни активности кои опфаќаат над 35.000 ученици.