Поголемиот дел медиуми во Србија денеска ги пренесуваат информациите од министерствата за внатрешни работи на Албанија и Црна Гора дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски избегал од Македонија преку Албанија и Црна Гора во автомобил на амбасадата на Унгарија во Тирана, и тоа два дена пред за него да биде распишана потерница.

Но српската власт сè уште не се огласила за „Случајот Груевски“.

Министерството за внатрешни работи на Србија за регионалната телевизија „Н1“ претходно објасни дека Груевски нема српски пасош, ниту државјанство. Но, одговор на прашањето дали Груевски на пат кон Унгарија поминал и на територијата на Србија уште не стаса.

Провладиниот српски весник „Политика“ вчера на насловната страница објави текст потпишан од редакцијата кој, без да наведува извори, изнесе повеќе тврдења за бегството на Груевски, меѓу кои и неточното, дека Груевски од Тирана одлетал за Будимпешта. Но албанската полиција вчера соопшти дека Груевски во неделата, два дена пред за него да биде распишана меѓународна потерница, ја напуштил Албанија на граничниот премин „Хани и Хоти“ кон Црна Гора.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/11/2018 01:05