Економска година и пресвртница во економијата најавува Владата со скроениот Предлог-буџет за 2019 година што неделава беше усвоен на владина седница. Предлог-буџетот е испратен до Собранието каде се очекува да почне расправата на 28-ти овој месец.
– Пред нас е економска година во која парите на народот уште повеќе ќе одат во проекти за поддршка на граѓаните од сите категории, особено најранливите. Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благостојба. Со буџетските промени за 2019 најавуваме пресвртница во економските политики. Силниот фокус на евроатлантските интеграции го зајакнуваме со Буџет за растечка економија, за социјална оправедност, за поквалитетни здравствени услуги и за подобро живеење на сите.
Ова го истакна премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата на која заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски ги презентираа проекциите на Буџетот за 2019 година.
Буџетот е во функција на одржливост на четирите столбови и тоа за политиките за вработување и за социјална сигурност, за поддршка на домашната економија, за забрзување на реализацијата на инфраструктурните проекти и интезивирани процеси за евроинтеграцијата.
– Ова се парите на секој од вас за да се вратат назад во заедницата до секој граѓанин низ програми и политики што произведуваат економски развој општествена благосостојба, социјална праведност и подобра живеачка за секој граѓанин на РМ без ниту еден исклучок, потенцира Заев и порача дека сега е време да се испорачуваат економските резултати и социјалната правда.
Буџетот наредната година ќе направи сериозно придвижување на реализација на капиталните инвестиции, особено во проекцијата за социјалната сигурност, праведност и солидарност, за јавната админситрација, како и за поддршката на евроатлански интеграции.
Министерот за финансии Драган Тевдовски соопшти дека вкупните приходи во Буџетот за 2019 година се проектирани на 210,8 милијарда денари, а расходите на 228,5 милијарди денари со буџетски дефицит од 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари.
За капитални проекти се предвидени 26 милијарди денари и се очекува поголема реализација на проектите, за евроинтеграциите се проектирани 8,3 милијарди денари во Министерството за одбрана, 30 милијарди денари за здравството, Посочи на сериозна поддршка за земјоделското производство, за субвенции за што се предвидени 8,4 милијарди денари, а 512 милиони за рамномерен регионален развој, повеќе средства зас 37 проценти за поддршка на економијата…
Со буџетот се предвидени и зголемување на платите на специјалистите, кои ќе достигнат и над 90.000 денари приход, на медицинските сестри кое зголемување е предвидено во јануари 2019 година. Повисоки плати за пет отсто ќе има и во јавната администрација за зголемување на квалитетот.
На прес-конфернецијата беше посочено дека се очекува интензивирање на економскиоте раст кој е проектиран на 3,2 проценти воден од личната потрошувачка, извозот и инвестициите, а јавниот долг да достигне максимални 54,2 проценти од БДП.