Бугарскиот заменик-премиер Валериј Симеонов синоќа поднесе оставка, откако беше изложен на притисок да се повлече од функцијата поради навредите упатени кон активистите за заштита на лицата со посебни потреби.
– Поднесувам оставка поради континуираната медиумска кампања против мене. Таа кампања им штети на угледот и авторитетот на Владата и стана пречка за нејзината нормална работа, изјави Симеонов на прес-конференција во Софија на која ја најави својата оставка.
Тој нагласи дека не можел да дозволи да продолжи таквата состојба и затоа решил да се повлече.
– Не се работи за мене или за партијата на чие чело сим, тука за Владата за која сметам дека е многу успешна, додаде Сименов.
Тој нагласи и дека бугарскиот премиер Бојко Борисов не извршил притисок врз него да поднесе оставка.
Како што јави БТА, Борисов ја прифатил оставката на неговиот заменик.
Симеонов, кој е лидер на националистичка партија Национален фронт за спас на Бугарија (НФСБ) и на коалицијата Обединети патриоти (ОП), беше вицепрмиер задолжен за економска и демографска политика.
Скандалот изби поради неговата изјава дека активистите за заштита на правата на лицата со посебни потреби се „разврескани жени“, кои ги злоупотребуваат своите болни деца.