Дали електричните автомобили навистина најмалку ја загадуваат животната средина. Експертите предупредуваат дека тоа не е автоматски така – и покрај фактот дека е-автомобилите во различни тестови минуваат најдобро.
На прв поглед станува збор за успех: До крајот на оваа година на германските патишта ќе има дури 50 отсто повеќе електроавтомобили отколку минатата година. Кон почетокот на јануари 2018 година, според официјалните податоци на Сојузната канцеларија за моторни возила, во Германија биле регистрирани околу 54 илјади автомобили на електропогон. Во првите девет месеци од оваа година регистрирани се нови 24.574 возила.
Но пополека! Кога ќе се погледне малку подетално брзо станува јасно дека е-автомобилите во Германија не играат некоја важна улога. Нивниот удел во вкупниот број регистрирани возила е микроскопски мал: во Хамбург само 0,18 отсто (што е најмногу од сите сојузни покраини), во Берлин и во Баварија по 0.,17 проценти, а на трето место е Баден – Виртенберг со 0,16 отсто. На самиот крај е Саксонија-Анхалт – 0,06 проценти.
Бавна електрификација
Електричниот погон многу бавно се пробива, но тоа секако „еколошки има смисла“, се нагласува во анализата на фирмата СЕГ Аутомотиве. Таа фирма од Штудгарт произведува автомобилски делови, ширум светот вработува повеќе од осум илјади работници и соработува речиси со сите големи произведувачи на автомобили. Аргументите од нејзината анализа и тоа како се разбирливи.
СЕГ се повикува на пресметките на реномирани сообраќајни и експерти за климатски прашања. Поради големите батерии, производството на еден електричен автомобил всушност е причина за многу повеќе јаглероден диоксид отколу некое возило со мотор со внатрешно согорување. И затоа е-атомобилите, како што тврдат во СЕГ, во текот на својот комплетен животен циклусм заштедува повеќе од 50 отсто од емисијата на јаглероден диоксид само во земјите со мал удел на фосилни енергенси. Како пример се наведува Франција, која картите ги става на нуклеарната енергија и Норвешка која може масовно да користи природни ресурси, пред сè вода.
Клучни пазари со голема емисија на ЦО2
На бројните клучни пазари, како во САД, Индија, Кина но и во Германија при производството на електрична енергија во атмосферата се емитува толку јаглероден диоксид, што на долг рок „чистокрвните“ е-автомобили, како и таканаречените плаг-ин хибриди воопшто не носат некаква предност кога станува збор за заштита на климата. Или нивниот еколошки биланс е дури и негативен во споредба со возилата во кои се наоѓаат мотори со внатрешно согорување.
Врз основа на податоците од студијата на најголемиот германски автомото клуб ADAC, СЕГ ја прави следната пресметка: Со оглед на актуелниот микс во производството на електрична енергија во Германија, еден мал електричен автомобил кој ќе помине повеќе од 50 илјади километри во текот на својот животен век произведува повеќе јаглероден диоксид отколку некој соодветен модел на возило кој троши бензин или дизел. Еколошкиот биланс на е-автомобил би бил подобар од моделите со внатрешно согорување само во случај целосно енергијата (значи 100 отсто), која ја троши да е добиена од регенеративни извори. Нештата се малку поинакви во случај автомобилот да мине повеќе од 150 илјади километри. Тогаш е-автомобилот со актуелен „струен микс“ има подобар еколошки биланс, а во случај да користи еко енергија, едно такво возило во текот на целиот свој животен век емитува само дел од ЦО2 од соодветните модели со внатрешно согорување.
На средина
Како до помалку емисија на ЦО2 со актуелниот енергетски микс? Средниот пат, според мислењето на СЕГ, е „48-волтен- дизел – благ- хибрид“. Тоа е релативно млада технологија, кај која истовремено се движи возилото и се произведува енергија. Таа технологија е се поомилена кај произведувачите ширум светот – поради својата енергетска ефикасност и се построгите законски одредби.
Во процесот на производство „48-волтен- дизел – благ- хибрид“ навистина предизвикува минимално зголемување на емисијата на јаглендиоксид, но во текот на процесот на користење во сообраќај може да заштеди и до 15 отсто гориво и ЦО2. И така во земјите во кои не се произведува доволно „зелена“ електрична енергија може да стане дури и најдобра мобилна варијанта во контекст на заштита на климата.
Но во целата таа калкулација постои една работа која не смее да се премолчи – СЕГ, сигурно погодувате, произведува токму такви системи.
Трендот е во ред
Списанието Едисон, публикација на издавачката куќа Ханделслат која се занимава со подрачјето на е- мобилност, одржливост и вмреженост во животот, веднаш пресметала дека анализата на СЕГ, и покрај одредени непрецизности, оди во вистинска насока. Кај моторите со внатрешно осогорување без сомнение има голем потенцијал за заштеда на ЦО2, но исто така, има и потенцијал на подрачјето на развој на батерии и енергетски микс.
Јасно е дека со зголемување на бројот на минати километри се зголемува предноста на е-автомобилите. Би било оптимално кога електричните автомобили би користеле само соларна енергија. Од друга страна, воопшто „нема смисла“ да се замени некој е-автомобил по тригодишен лизинг со годишна километража од 15 илјади километри со некој нов модел, тврди Едисон.
„Тоа е сознание за кое всушност и не ни треба никаква пресметка, туку само малку разум втемелен на одржливоста“.
Дојче Веле – Бон