Албанската полиција уапси девет лица, меѓу нив и еден македонски државјанин и петмина цариници од преминот Ќафасан на албанско-македонската граница кај Струга, поради шверц на употребени гуми за возила.

Македонскиот државјанин Стојмир Тренески (42) од Охрид, кој управувал со камион натоварен со 2.100 груми, бил запрен на патниот правец Подградец-Малиќ, во близина на селото Собјан, откако го минал граничниот премин и ги растоварал гумите во магацин на лицето Петраќ Димко (54). Нарачател на стоката бил Едмонд Кодра (61) од Собјан.

Уапсените цариници од преминот Ќафасан, Стефан Хила (50), Анести Тушинка (40), Илир Спахиу (44), сите од Подградец, Лефтер Дурај (64) и Микел Гоџарај (41) и двајцата од Тирана, ќе одговараат за злоупотреба на службената положба, бидејќи дозволиле влез на камионот без потребата царинска процедура. Деветото уапсено лице е Келти Ристани(42) од Подградец, царински агент на компанија која имала своја царинска испостава на преминот.

Истрагата продолжува со цел откривање на други лица вмешани во овој случај. Албанската полиција во расветлување на случајот соработува со македонските колеги.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/11/2018 14:30