На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ попладнево слета првиот авион на компанијата „Визер“ со 161 патник на новата редовна авионска линија од Виена.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој на свеченоста организирана по овој повод изјави дека првично авионската линија ќе се реализира двапати седмично, а веќе од наредниот месец „Визер“ од Охрид кон Виена и обратно ќе сообраќа трипати во текот на неделата.

– Преку оваа линија, „ТАВ Македонија“ не само што ја проширува својата мрежа авионски линии кон аеродромот „Свети Апостол Павле, туку истовремено Австрија ја отвара како нов дојдовен пазар за патници и туристи на Охридското Езеро. Очекуваме преку овој лет да привлечеме повеќе туристи од Австрија, така што барем во летните месеци авионската линија кон Виена да биде пофреквентна, рече Ерсој најавувајќи дека „ТАВ“ ќе продолжи да ги промовира Охрид и Македонија пред тур-операторите и авиокомпаниите.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски оцени дека оваа авиолинија е значајна за туризмот во Македонија. Во првите девет месеци на тековната година бројот на австриски туристи е зголемен за осум проценти, а бројот на ноќевања за четири отсто.

– Тоа не охрабрува како Агенција се повеќе да имаме влијание врз австрискиот пазар односно наша поголема промоција таму. За 2019 година очекуваме двоцифрен раст на бројот на австриски туристи бидејќи со воведувањето директна авионска линија ќе има можност повеќе тур-оператори да ја посетат Македонија преку инфо-патувања, како и поголем број австриски туристи, истакна Јаневски.

Според градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, оваа авиолинија има особено значење за Охрид и Струга, затоа што отвора можност се поголем број луѓе да го посетат регионот што пак ќе придонесе за промоција на туристичките капацитети на охридскиот регион.

– Од друга страна воспоставувањето нова линија значи надминување на просторните и временските граници, побрзо пристигнување на луѓето кои, за жал, поради економските прилики, се на печалба надвор од Македонија. На овој начин многу побргу ќе доаѓаат кај своите семејства, а од друга страна и луѓето од нашиот крај ќе имаат можност да патуваат кон Европа, рече Стојаноски.

Покрај сезонските, авиолинијата Охрид-Виена ќе биде третата редовна авиолинија од охридскиот аеродром, заедно со веќе воспоставените кон Цирих и Базел. Директна авионска линија од Охрид има и кон Лондон, но поради послаб интерес таа е во мирување до 2 април идната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/11/2018 23:21