Една од најпопуларните оркестарски бајки за деца – „Петар и волкот“ од рускиот композитор Сергеј Прокофјев денеска ќе биде изведена во Македонската опера и балет. Под диригентство на младиот, но веќе искусен диригент Ангел Спироски, свитата ќе ја изведе реномираниот ансамбл „КонТемпора“, а низ приказната најмладите ќе ги води актерот Дејан Лилиќ, во улога на наратор.
„Петар и волкот“ е музичка бајка во која наратарот ја раскажува приказната, додека оркестарот ја илустрира со различни музички инструменти. Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот. Во „Петар и волкот“ флејтата е птица, обоата е патка, кларинетот е мачка, фаготот е дедото, гудачките инструменти се Петар…
Приказната го следи младиот Петар кој поминува некое време во куќата на својот дедо, која е сместена во шума. Еден ден тој несакајќи ќе ја остави вратата од дворот отворена, и покрај тоа што дедото ќе го предупреди да не го прави тоа бидејќи во шумата живее опасен волк. Петар во тоа нема да верува, но кога навистина ќе се појави волкот, тогаш почнува неговата авантура, обидувајќи се да го фати…
Концертот е во организација на Сојузот на композиторите на Македонија.