Младиот пијанист Арда Мустафаоглу од Скопје, кој се повеќе ги освојува светските пијанистички сцени и на кого музичките критичари му предвидуваат ѕвездено небо, синоќа на малата сцена во Велешкиот театар ја дигна на нозе публиката, која трипати го враќаше на сцената.

Концертот на Мустафаоглу е поддржан од Министерството за култура, а тој се претстави со дела од Скарлати, Равел и Прокофиев.

Арда учествувал на многу домашни и меѓународни натпревари, каде редовно освојува први места и се повеќе ја воодушевува публиката.Тој неделава ја прими и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.

Во интервју за МИА изјави дека е задоволен од настапот, од реакциите од публиката и изрази задоволство што настапил пред велешката публика.

– Вторпат настапувам во Велес, а првпат во оваа сала. Прекрасно се чувствувам, имаше прекрасен амбиент и публика, а и што е многу важно и одлична акустиката. Навистина сум задоволен од мојот настап во Велес, рече Мустафаоглу.

Арда Мустафаоглу е роден на 24 август 2002 во Скопје. Досега настапил на многу интернационални натпевари и освоил највисоки први места и награди во Италија, Белгија, Германија, Турција, Грција, Србија, Бугарија и Албанија.

Зошто ја одбравте оваа програма за концертот?

– Ова ми е програмата со која настапувам во градовите во Македонија, иако вечерва имаше мали измени, во првиот став од изведбата на Прокофиев во неговата седма соната. Веќе настапив во Струмица и Прилеп, а по Велес ќе настапам и во Штип на 24 ноември.

Какво е чувството да се настапува пред домашната публиката, а како во странство?

– Во моите настапи дома во Македонија се чувствувам покомотно и релаксирано. Првпат ми е да настапувам во четири македонски градови и зедно со Скопје во пет. Можам да кажам дека многу сум задоволен од нашата домашна публика, која е прекрасна и воедно сум благодарен на Министерството за култура што ми овозможи настап пред мојата публика.

Секогаш во својот настап имате и дела од македонски композитори?

– Нормално ги сакам класиците, ама сакам да изведам и дела од наши автори како на пример Властимир Николоски со „Токада“, извонредно дело кое го обожавам и сум го свирел многупати во земјава и странство на моите настапи.

Кој е Арда Мустафоглу?

– Свирам од четири годишна возраст. Мајка ми е професорка по клавир и затоа имав можност подолго време да седам на клавирот и да свирам. Можам да кажам дека откако знам за себе знам и за клавирот, за музиката. За да постигнам успеси напорно вежбам секој ден од четири до шест часа, заедно со школските обврски, а учам во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и сум трета година. Кога се подготвувам за концерт свирам и по десетина часа и по цели денови и целосно се посветувам на клавирот, па некогаш морам да земам и отсуство од училиште.

За каде се подготвувате деновиве за настап?

– По Штип заминувам на концерт во Италија, во гратчето Сандони Ди Пјаго близу Венеција, каде пред четири години настапив на Интернационален музички натпевар и ги освоив сите можни награди, прва награда, специјална награда и награда од публиката која за мене е најголемата наградата. На моја голема радост, сега по четири години, организаторот и жири-комисијата не ме заборавија и ме повикаа како победник на натпреварот да настапам на завршниот концерт на сите победници на фестивалот.

Сакам што е можно повеќе да настапам на многу светски музички сцени и да запознам многу публика. Како млад, се разбира сакам и да шетам, а истовремено на најубав начин преку културата и да ја презентирам во светот нашата земја, Република Македонија. Сакам да настапувам на поголеми натпревари и се надевам дека со напорна работа тоа и ќе го постигнам. Деновиве се подготвувам и за концертот во Скопје, што е закажан во декември.

Кои се Вашите планови за иднината?

– За натпреварите и на концертите на кои настапувам во странство бараат многу подобри услови за вежбање, односно да вежбам на понови клавири, кои имаат и поразлични дирки. Поради тоа ако сакам да останам тука од надлежните за музичка култура треба да добијам и подобри услови за работа. На секој настап свирам на друг клавир, имам малку време да се запознаам со тој инструмент, а мене за настап ми треба подолго време за да го почувствувам тој инструмент. Во светот свирам на клавири како „Стенвеј“ и „Јамаха“, ама во земјава немам можност да музицирам на такви најсовремени клавири. Тоа е што најмногу ми недостасува за моето понатамошно усовршување. Но, со голем труд сепак успевам некако и тоа да го надминам и секогаш да имам одличен настап.

Дали освен за клавирот имате време и да другарувате со врсниците?

– Ако добро се организира времето има време за се, а јас секогаш имам и време за да бидам и со другарите како и сите тинејџери на моја возраст.

Дали во Македонија се слуша класиката?

– Мислам дека се повеќе се слуша класиката, а и јас напорно работам на тоа младите посебно да се заинтересираат за овој вид на музика која е музика за душата и разумот. Мислам дека сме на добар пат за поголема афирмација и популаризација на оваа музика, па и овие проекти на Министерствто за култура и на други културни институции, кои се поддршка за нас младите музичари.

Кои Ви се омилените композитори?

– Ги сакам посебно Скарлати и Равел, исто така и Прокофиев. Се разбира и Шопен и Лист, Рахмањинов, Нета Хазл Сај, а од македонските посебно Властимир Николовски. Воедно идоли ми се многу пијанисти -изведувачи од старото школо: Марта Аргериќ, Даниел Барембојм, Соколов и други.

Можете да ни раскажете за соработката со Симон Трпчески?

– Имав контакт и час со него и сакам и понатаму да учам од него, кој е еден од моите идоли на клавирот.

Во која светска сала сакате да настапите и дали може да ни кажете за поддршката од вашето семејство, кое е секогаш со Вас на настапите?

– Најголем сон ми е да настапам во „Карнеги Хол“ во Њујорк. Напорно работам и се надевам дека во иднина ќе го остварам својот сон.

Мојата мајка е и мој наставник по пијано, која не беше премногу строга и целосно се посветуваше на мене, посебно на почетокот и ме поттикнуваше многу да работам. Секојдневно заедно напорно вежбавме и ми даваше голема сила да успеам, на што сум и многу благодарен. Тука е и мојот татко кој исто така ме движи нагоре и ги менаџира моите настапи, снима и документира. Секогаш со мене е и сестра ми, која исто така многу ми значи бидејќи ми ја дава сета своја поддршка, тие се моето семејство Мустафаоглу, кои се мојата најголема поддршка на мојот пат сега и во иднината.

Антоанела Димитриевска



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2018 16:01