Луѓето кои ја избркаа и омаловажија жената кај „Буњаковец“ се комунални редари на општина Центар. Од општината испратија извинување.
Општина Центар преку соопштение се извини за инцидентот кај ТЦ „Буњаковец“, кога двајца комунални редари ја избркале жената која продава бадеми, лешници и малини. Редарите ја превртеле гајбата со производи, а откако жената ги собрала истите ѝ ги искинале кесите со бадеми.
-Општина Центар се извинува за грубото и нехумано однесување на двајцата комунални редари вработени во Секторот за инспекциски работи во општината. Нивното однесување денеска со право ја вознемири и револтираше јавноста. Општина Центар ќе ги преземе сите неопходни мерки за утврдување на вината и санкционирање на двајцата вработени. Нагласуваме дека вакво однесување кон граѓаните нема да дозволиме бидејќи и избраните лица и општинската администрација работат и ќе работат во интерес на сите жители на Центар, велат од општината.