Од 21 до 27 ноември во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани седум филмови од шпанската кинематографија. Неделата на шпански филм в среда ќе почне со филмот „Добредојдовте господине Маршал“ на режисерот Луис Гарсија Берланга од 1953 година.

Во наредните денови ќе бидат прикажани: анимираниот „Чико и Рита“ во режија на Тоно Ерандо, Хавиер Марискал и Фернандо Труеба од 2010 година; „Југот“ на Виктор Ерис од 1983; „Смртта на велосипедистот“ на режисерот Хуан Антонио Бардем од 1955; „Без срам“ на Јоакин Ористрел од 2011; „Црвената верверичка“ во режија на Хулио Медем од 1993 и играниот филм „Пеперутка“ на Хозе Луис Куерда снимен во 1999 година.

– Овие седум наслови се своевиден мал пресек на шпанската кинематографија и според хронолошкиот и според тематско-жанровскиот пристап. Овој избор обединува автори од различни филмски епохи и со различни естетики, но, во секој случај, претставува временска парабола од средината на минатиот век до денес. Тој временски период е речиси колку еден просечен животен век, па сигурно е интересно да се проследи созревањето на една национална кинематографија низ различни авторски видувања, соопшти Кинотеката.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 10:37