Студен бран пристигна во земјите од Западен Балкан и додека во Хрватска падна снег, во Федерацијата БиХ е прогласен црвен аларм поради најавени врнежи, а на Маврово во Македонија дебелината на снежната покривка достигна 25 сантиметри.

Во Босна и Херцеговина се очекува претежно облачно време, а во Федерацијата БиХ е издадено црвено предупрeдување поради пообилни врнежи за подрачјето на Херцеговина и југозападна Босна.

Акумулираната количина врнежи која се прогнозира се движи межу 40 и 80 литри по метар квадратен, а во Херцеговина локално и до 120 литри.

Врнежи се очекуваат веќе денеска од вечерните часови и во текот на ноќта кон вторник. Снег се очекува на подрачјето на Краина и Западна Босна и на планините во централните подрачја на Босна.

Снег падна и во Хрватска, а се уште паѓа во повеќето предели од централниот дел на земјата и во Горски Котар.

Снег ќе има и понатаму на планините каде се очекува формирање снежна покривка.

Во пониските предели ќе доминира воглавно дожд. Дождот на земја ќе се замрзнува и ќе создава опасна поледица, па возачите се повикуваат да бидат внимателни. Покрај врнежите дува непријатен ветер од северен правец, на Јадранот бура, посебно под Велебит, која го отежнува сообраќајот.

Снег во некои делови од Хрватска е најавен и за утре, а од среда се најавува топење со дожд.

Најмногу снег во изминатите 24 часа падна на Маврово во Македонија каде висината на снежната покривка достигна 25 сантиметри.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 12:03