Косовскиот премиер Рамуш Харадинај побарал денеска од австрискиот канцелар Себастијан Курц, како актуелен претседавач со Европската унија (ЕУ), да го стави на дневен ред во агендата на Унијата прашањето за визна либерализација на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај објави на својата страница на Фејсбук дека на работниот ручек организиран од Курц во Виена нагласил оти граѓаните на Косово се единствените во регионот и пошироко кои немаат можност да се движат слободно во Европа.

– Нагласив дека Косово е посветено на јакнењето на регионалната соработка и е подготвено да ги преземе своите обврски, но тоа треба да биде взаемно. Освен нашето право за слободно движење, визната либерализација ќе значи и поголемо партнерство, поголем пазар и повеќе можности за размена за земјите на ЕУ и на регионот, напиша Харадинај.

Австрискиот канцелар денеска во Виена организира работен ручек со премиерите на земјите од Балканот, со тоа што од Македонија на ручекот е присутен вицепремиерот Кочо Анѓушев.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 13:10