Вкупно 3.500 листопадни садници ќе бидат засадени во сите скопски општини во рамки на големата есенска акција за раззеленување на главниот град, што денеска ја почна Град Скопје.
Оваа есен приоритет е обновување на сите постојни дрвореди во градот и подигнување нови во Ѓорче Петров и на Бит-пазар.
– Во Скопје по должината на градските сообраќајници и во средишните жардиниери на булеварите има речиси 500 пенушки (остаток од пресечено или паднато дрво) во постојните дрвореди кои ќе бидат отстранети и на нивно место ќе се засадат нови здрави садници. Најголем број од пенушките што ќе бидат заменети се на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, каде ќе бидат заменети вкупно 49, соопшти Град Скопје.
Оваа акција, според градските власти, ќе влијае на подобрување на животната средина и ќе придонесе за зачувување на здравјето на граѓаните.
– Град Скопје посветено работи на намалување на загадувањето и подобрување на животната средина со цел да се надомести изгубеното зеленило, да се зголемат парковите и дрворедите и да ги заштити сите јавни зелени површини во сите општини во градот, се вели во соопштението.
Оваа есенска акција Град Скопје ќе ја реализира заедно со сите скопски општини кои во неа ќе учествуваат со свои работници, механизација и садници.