Авиокомпаниите што летаат од и кон Грција, до грчката полиција ќе бидат обврзани да доставуваат листа со податоци за сите патниците за секој лет.

Ова го предвидува нацрт законот на Министерството за цивилна заштита на Грција, што утре ќе се разгледува на надлежната Комисија во грчкиот парламент, а е согласно со упатствата од ЕУ од 2016 година, а со цел превенција, откривање, пронаоѓање и гонење на терористи и криминалци.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според нацрт законот ќе се формира Одделение за податоци за патниците односно посебен сектор во грчката полиција, што ќе биде надлежен за листите што ќе ги доставуваат авиокомпаниите. Паралелно ќе постои регистрација на имињата на патниците, што всушност ќе биде патничко досие за секој патник, каде што ќе се внесуваат добиените податоци од компаниите. Во досието ќе бидат вклучени сите информации што стојат на располагање: име и презиме на патникот, адреса и контакт (телефонски број, е-маил), датум на резервација/издавање на билетот, податоци за начинот на плаќање, број на билет, број на седиште, вид на патнички документ, земја и датум на издавање на патничкиот документ, крајна дестинација, информации за багаж и слично.

Авиокомпаниите ќе треба во период од 24 до 48 часа пред полетувањето да ги достават информациите за патниците, а доколку не го сторат тоа предвидени се санкции во вид на парична казна од 5.000 евра за лет, која што може со одлука на надлежното Министерство да се промени и да достигне и до 30.000 евра.

Одделение за податоци за патниците во грчката полиција, информациите добиени од авиокомпаниите и досиејата на патниците, во базата на податоци ќе ги чува во период од пет години од регистрацијата.

Европската полициска агенција Европол за извршување на должностите ќе може да бара податоци од грчката полиција, а ќе постои размена на информации, доколку биде потребно, и со други земји членки на ЕУ, но и со трети земји доколку се исполнети одредени предвидени критериуми.

Предлог законот што утре ќе го разгледува Комисијата за државна администрација, јавен ред и правда во грчкиот Парламент, од 14 23 март годинава беше поставен на интернет за јавна дебата.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 15:13