Добитник на наградата „Ацо Караманов“ е поетесата од Словенија со македонско потекло, Соња Цекова Стојаноска. Советот на 45 „Караманови средби“ наградата и ја додели за стихозбирката „Разгранети мисли во пајажина“.

Во најтесен избор влегле и стихозбирките на поетите Даниела Андоновска Трајковска, Сузана Мицева и Михајло Свидерски.

-И оваа година, Радовиш ќе празнува во чест на македонскиот Рембо-Ацо Караманов. На 22, 23 и 24-ти овој месец градот на Ацо Караманов ќе биде македонски, но и балкански Олимп на поезијата и ументоста. Центарот за култура „Ацо Караманов“ во соработка со библиотеката „Браќа Миладиновци“ од Радовиш и Друштвото на писателите на Македонија ќе реализира богата програма во која на еден мултимедијален начин со спој на сите уметности ќе се чествува ликот и делото на младиот македонски гениј Ацо Караманов, информираат од Советот на фестивалот.

Како што е познато Ацо Караманов херојски загинува на 9 октомври 1944 година на само 17 години храбро борејќи се за слободата на Македонија. Тој е првиот модерен македонски поет, кој особено во македонската модерна поезија ги внесува импресионизмот и експресионизмот.

Во програмата на средбите ќе учествуваат триесетина уметници и поети-членови на ДПМ и гости од пет балкански земји, кои ќе се престават со врвни уметнички дела и креации. На централната манифестација на 23 Ноември ќе биде доделена и наградата за најдобра поетска книга по распишаниот анонимен конкурс од страна на средбите.

Манифестацијата се одржува со поддршка на министерството за култура на Република Македонија, градоначалникот на општина Радовиш и рудникот Бучим.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 16:33