Во Палатата на Република Српска во Бања Лука вечерва е извршено примопредавање на должноста меѓу досегашниот претседател Милорад Додик и новоизбраната Жељка Цвијановиќ.

Додик изјави дека сега е сосема поинакво време од она кога тој го преземал мандатот.

– Горд сум што сум првиот претседател на РС кој едноподруго бил избран во два мандати. Верувам дека во тоа ќе успее и Жељка Цвијановиќ, истакна Додик.

Од своја страна, Цвијановиќ изрази очекување брзо да се избере ентитеска влада. Таа порача дека должноста ќе ја извршува одговорно, бидејќи РС е силна колку што се силни нејзините институции.

Цвијановиќ и потпретседателите на ентитетите Рамиз Саклиќ и Јосип Јерковиќ денеска во парламентот на РС положија заклетва, како и членот на Претседателството на БиХ од РС Милорад Додик.

– Ќе ја работам оваа работам чесно. Секогаш е предизвик кога после Додик доаѓате на некоја позиција, но ќе функционираме како тим. Со Додик, како српски член на Претседателството, ќе биде олеснета соработката на институциите на РС со нашите претставници во Сараево. Верувам во Републиката, во наша подобра иднина, изјави Цвијановиќ

За утре е најавено Цвијановиќ да предложи мандатар за состав на нова ентитетска влада. Се очекува тоа да биде Радован Вишковиќ од редовите на Сојузот на независни социјалдемократи.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 19:24