Прво место во четвртата група од Д-лигата на Лигата на нации, пласман во поквалитетната Ц-лига и полуфинале на домашен терен во плејофот за ЕП, обезбеди македонската фудбалска репрезентација по вечерашната победа над Гибралтар со 4:0.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски целосно доминираа на „Филип Втори“ и сосема заслужено ги освоија трите бода, а победата можеше да биде и поубедлива доколку се искористеше уште некоја од многубројните шанси.
Стрелци на головите беа Енис Барди (27 минута), Илија Несторовски (67 и 80) и Александар Трајковски (90+2).
.
Македонија настапите во групата ги завршува со пет победи и само еден пораз, оној во 4.коло од Ерменија на гостински терен.
Првото место и 15-те бода на македонските фудбалери им донесе предност да играат на домашен терен во полуфиналето од плејофот за Европското првенство со оглед на освоените бодовите на другите три првопласирани селекции во првите три групи (Грузија 16, Белорусија 14, Косово или Азербејџан максимум 14 односно 12).
На другиот меч од 6.коло во четвртата група Лихтенштајн и Ерменија одиграа нерешено 2:2.
Конечна табела: Македонија 15 бода, Ерменија 10, Гибралтар 6, Лихтенштајн 4.