Делови на Хрватска и Босна и Херцеговина денеска се зафатени од снежни врнежи, во Црна Гора е прогласен црвен метео аларм поради снег и студеното време, а во Србија се очекуваат дождови и силен ветер.

Снег паѓа на хрватското приморје, во Горски Котар, Лика, Славонија и во централна и северозападна Хрватска, а поради зимски услови и ветар, забранет е сообраќајот за камиони со приколки од внатрешноста кон Далмација, Ријека и Истра и обратно, јави регионалната телевизија Н1.

Во БиХ поради снегот има проблеми на патиштата, а од босанскиот Авто мото сојуз предупредуваат за снег на патиштата посебно во западните делови на земјата. Исто така, се предупредува и за последици од леден дожд, а издадено е и предупредување за помали одрони на планинските превои.

Во централните и јужните делови на Црна Гора денеска на сила е црвен метео аларм. Уште во текот на вчерашниот ден, северниот дел на земјата беше покриен со снег. Снежната покривка во Колашин изнесуваше седум сантиметри.

Во Србија пак се очекува топење на снегот што падна пред неколку дена, како и обилни врнежи од дожд. Во реонот на Банат и подунавјето пак е најавен силен ветер од јужен и југоисточен правец.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2018 10:47