Вкупно 74 претставки од скопјани досега се поднесени во Град Скопје кои се однесуваат на работата на градската администрација. Најмногу пријави има во секторите за планирање и уредување на просторот, за финансиски прашања, за комунални работи и Сектор инспекторат. Сите пријави и поплаки се однесуваат на непочитувањето на законски утврдените рокови за изготвување на актите што ги носи Град Скопје и во однос на недобивање одговор по поднесените барања.

Проектот „Внатрешна контрола за вработените во градската администрација“ го најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на 14 септември годинава, а почна да се спроведува од 17 истиот месец.

Шилегов тогаш рече дека крајна цел е да се обезбедат подобри услуги за сите граѓани. Најави дека издал налог со кој внатрешната контрола во рок од два месеца треба да изготви регистар на сите постојни несработени предмети во градот, да ги категоризира предметите по тип и време за постапување.

– Целта е да се спречи закочувањето на постапките, граѓаните да бидат поштедени и од стрес и од изгубено време талкајќи по шалтери, од канцеларија во канцеларија. Целта е конечно да ги извадиме сите предмети надвор од фиоките, рече Шилегов.

Веднаш се постапува по претставките на граѓаните

Градските власти информираат дека на е-маил www.kontrola@skopje.gov.mk секојдневно пристигнуваат претставки од граѓаните. Претставките најмногу се однесуваат за незавршени предмети поврзани со ненавремено изготвување проценки и решенија за утврдување на данокот на промет на недвижности, наследство и подарок и данокот на имот, ненавремено завршување на предмети поврзани со пресметка за утврдувањето на надомест за легализација на бесправно изградени објекти и за пресметки за плаќање на надомест за уредување на градежно земјиште, предмети поврзани со користење на простор пред деловни простории, ненавремена реализација на веќе изготвените решенија за сечење на дрва…

По приемот на пријавите и претставките од граѓаните, внатрешната контрола веднаш го запознава засегнатиот сектор со нив и согласно своите овластувања врши увид во списите на предметот. Се работи на правилно утврдување на причините поради кои не е постапено во конкретниот случај со насока да се преземат сите активности со цел да се отстранат недостатоците и да се постапи во интерес на странките во постапката.

По претставките веднаш се постапува. Овластените лица од внатрешната контрола ги задолжуваат одговорните административни службеници во рок, не подолг од пет дена, да постапат по предметот, да го завршат и да дадат повратен одговор, како до странката така и до нив. На крај, претставката треба да биде затворена со извештај.

Во случаи кога внатрешната контрола ќе утврди дека одреден предмет не е завршен во рок од субјективни причини, односно од несовесно и ненавремено вршење на работните задачи со полесни последици од повредата на административниот службеник вработен во Град Скопје, се изготвува писмен извештај. Во него се предлага да се изрече писмена опомена од страна на секретарот на Град Скопје. Такви се осум предмети во кои се изготвени 19 опомени, а во два предмета од страна на внатрешната контрола утврден е и дисциплинки престап за што ќе биде поведена и дисциплинскa постапка кон одредени административни службеници во Град Скопје.

Внатрешната контрола работи интензивно во согледување и откривање на проблемите во функционирање на градската администрација, предлага и мерки за подобрување на нејзината работа. Согласно наредбата на градоначалникот Шилегов, внатрешната контрола од сите организациски единици во Град Скопје прибра податоци за вкупниот број на примени предмети и број на незавршени предмети, како и причините поради кои тие не се сработени во законски утврдениот рок.

Во моментов добиените податоци се во обработка за што внатрешната контрола ќе состави извештај за утврдената фактичка состојба и ќе го предаде на градоначалникот овој месец.

Иако се уште е рано да се каже дали овој проект го оправда постоењето, сепак голем број од граѓаните со кои разговаравме се задоволни од него. Во моментот кога ќе добијат одговор дека нивниот предмет е завршен имаат повратни позитивни реакции. Според нив, овој проект што го воведе градоначалникот Шилегов е за пофалба и велат дека конечно имаат каде да се пожалат доколку имаат проблем со градската администрација.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2018 11:15