Бесплатни прегледи за мерење на дишната функција утре од 11 до 14 часот во Капитол мол во Аеродром организираат Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје и Здружението на пневмофтизиолозите.
Прегледите ќе се спроведат по повод 21 ноември, Светски ден за хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), кој се одбележува под мотото „Никогаш не е прерано, никогаш не е предоцна“.
– Овој настан е од особена важност за да се испрати порака до населението на Република Македонија за важноста на препознавањето на оваа болест. Навременото дијагностицирање и правилното лекување на оваа болест ќе го подобрат квалитетот на живот и животниот век на лицата кои страдаат од ХОББ, велат од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и од Здружението на пневмофтизиолозите на Македонија
Тие додаваат дека еден од најголемите ризик фактори за појава на ХОББ е пушењето, но дека поради разни причини како начин на живеење или самата средина, препорачливо е сите кои се во можност да направат преглед.