Театар „Комедија“ вечер премиерно ја поставува претставата „Викенд на мртовци“ по текстот на Миле Попоски, која пред повеќе од 20 години се играше во Драмски театар-Скопје, а пред 30 години режисерот Коле Ангеловски го сними и истоимениот филм.

Овојпат текстот е осовременет и во некои реплики е освежен и приспособен на денешените случувања. Од реакциите на публиката на претпремиерата вчера, кога имале полна сала, раководството на „Комедија“ и екипата на претставата очекуваат дека и на нивната сцена таа ќе биде многу гледана и долговечна.

Режисерот Ѓорѓи Ризески денеска на прес-конференција рече дека направиле оригинална верзија на текстот, различна од претставата во Драмски затоа што, рече, никогаш копијата не може да биде подобра од оригиналот.

-Ова е култен текст и ние направивме оригинална претстава, не со цел да биде подобра, туку претстава направена на наш начин која, се надевам, ќе ѝ се допадне на публиката. Тргнувајќи дека не е поставена долго и дека денес живееме во друго време. Темата на авторот е вечна и трае, и идејата и прашањето беше како ние гледаме на тоа, како нашите ликови се справуваат со таа тема која отсекогаш постои, рече Ризески за претставата која е и мултимедијална и со видеобимови на сцената.

Мирјана Ристов, уметнички директор на Театар Комедија, истакна дека не бил едноставен процесот на подготовка затоа што, рече, се работи за култна комедија. -Добивме таков продукт, што театарот вчера буквално грмеше. Публиката се смееше на секои десетина секунди. Тоа ме прави горда затоа што, сепак, не е мала работа да се земе „Викенд на мртовци“, еден култен текст кој веќе го има достигнато врвот. Тоа беше и мал ризик – дали ќе биде подобра, дали, барем, ќе биде на истото ниво, зашто публиката често знае да суди по гледаното и веќе има оформен став. Оваа екипа направи многу подобро ниво, затоа што е современа и публиката ќе ужива, рече Ристов.

Во претставата играат 12 актери – дел се од „Комедија“, а дел се гости од други ансамбли: Роберт Ристов; Магдалена Ризова; Жаклина Стевковска; Миа Кантарџиева; Столе Мицов; Едмонд Сотир; Жарко Димоски; Александар Вељановски; Сашо Ристовски; Мирјана Ристов; Дритон Вејсели и Кристина Ласовска. Сценограф е Сергеј Светозарев, костимограф – Андреј Ѓоргиевски, кореограф – Саша Ефтимова.

Дваесет и седумгодишниот Ризески вторпат режира во „Комедија“. Пред две години на оваа сцена ја постави и „Првин ќе ме земеш, после ќе ме…“ Дипломиран театарски режисер е и специјалист по драматургија на Универзитетот ЕСРА. Вработен е како режисер во театарот во Охрид.

Директорот на „Комедија“ Сашо Ристовски соопшти дека „Викенд на мртовци“ им е трета премиера во 2018 година, а на крајот од декемвери ќе имаат уште една – „Нема да платам“ според текстот на Дарио Фо, во режија на Александра Кардалевска.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2018 13:52