Амбасадите на САД во Белград и на Велика Британија во Приштина, оценија дека одлуката Косово да не се прими во Интерпол е разочарувачка, додека амбасадорот на Русија, Александар Чепурин му честиташе на српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, за „одличната работа во Дубаи“.

Американскиот амбасадор во Србија Кајл Скот, изјави дека за САД е разочарувачката одлуката Косово да не стане членка на таа организација, но додаде дека дипломатијата во меѓународните организации е битка помеѓу различни ставови и дека тој цени што Србија се борела за својот став.

– Што се однесува до мене, тоа е тажно за полицијата, бидејќи Интерпол е полициска организација, тоа не е меѓународна организација на земји, што значи дека ќе биде се потешко и потешко Косово да добие црвена потерница во Интерпол. Бидејќи соработката на полициите на Косово и Србија е многу важна, ова е штетно, истакна Скат.

Тој додаде дека одлуката може да влијае и на регионалната безбедност.

– Сега во регионот најдобра е соработката меѓу криминалните организации, а борбата против организираниот криминал би била подобра ако полициите соработуваат, истакна Скат.

И Амбасадата на Велика Британија во Приштина е „разочарана“ бидејќи „Косово напорно работело за членството во Интерпол“.

– Членството на Косово во Интерпол би овозможило подобра размена на информации помеѓу агенциите за спроведување на законот, особено во регионот на Западен Балкан и би ја подобрила европската и глобалната безбедност, оцени на својата Фејсбук страница Британската амбасада во Приштина.

Амбасадорот на Русија во Белград, Александар Чепурин, му честиташе на српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, како што напиша на својот Твитер профил, за одлично сработената работа во Дубаи.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2018 14:38