Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, по денешниот неуспех на Косово да се зачлени во Интерпол, изјави дека претседателот на државата Хашим Тачи и министерот за надворешни работи Беџет Пацоли денеска не беа во Дубаи како учесници на Генералното собрание на Интерпол, туку „како припадници на шоу-бизнисот“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во неговата реакција на Фејсбук, Курти порача дека со истите луѓе кои го претставуваат Косово, не може да се очекува напредок на земјата на меѓународен план.

– По неуспехот за прием во УНЕСКО, Косово доживеа пораз и при обидот да се зачлени во Интерпол. Со овие исти луѓе кои не претставуваат и ни ја водат државата не можеме да имаме други резултати. Во овој пораз имаше се освен случајност, напиша Курти.

Според лидерот на опозициската ВВ, Тачи и Пацоли „не патуваат во странство како одговорни официјални претставници на државата, туку како личности од меѓународниот шоу-бизнис, како што се замислуваат самите себе си“.

– Тачи и Пацоли не беа на Конференцијата на Интерпол во Дубаи. Едноставно, тие беа во Дубаи. Србија и Русија ја завршија нивната шовинистичка работа онака како што ги знаеме отсекогаш, но за овие двајца не знаеме чија работа вршат, напиша Курти.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2018 17:18