Потребно е да се имплементираат повеќе мерки бидејќи една не е доволна и не носи резулати во решавање на проблемот на загадувањето во Скопје. Ова беше истакнато на денешната работилница на тема „Загадувањето на воздухот во Скопје – факти, причини, акции” што се одржа во Град Скопје на иницијативата на градоначалникот Петре Шилегов.
Александар Дединец од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ изјави дека во последните три години интензивно работеле на оваа проблематика и излегле со неколку студии, за загадувањето кое произлегува од домаќинствата во Скопје, за целиот транспортен сектор во државата и за транспортниот сектор во Град Скопје и колку тој придонесува во загадувањето.
Во студијата за загревање на домаќинствата во Скопје како главни виновници можат да се посочат дека се оние кои се загреваат на огревно дрво и на сите други материи. Најбрза мерка која може да се реализира и даде ефект, како што рече, е мерката за приклучување кон топлификацискиот систем за греење, како и субвенции за промена на начинот на греење или користење печки на пелети, топловни пумпи или познати како инвертори, изолација на домовите. Во транспортниот сектор, пак, има лепеза на мерки. Најголем дел се однесуваат на оданочување на возилата, односно промена на начинот на оданочување на возила и воведување нова методологија која ќе се базира на ЦО2 емисии. Колку едно возило емитира толку повеќе ќе се плаќа за него при увоз во државата и при регистрација.
– Предвидуваме електрификација на Град Скопје до 2025 година. Електрификација на такси возилата. Шеесет отсто електрификација на такси возилата, а останатите 40 отсто со т.н. плагин електрични возила. Овде Градот може да даде големи субвенции, олеснувања за такси возилата зошто тие поминуваат годишно голем број километри, по нашите пресметки над 40.000 километри годишно. Со таа километража купување електрично возило за нив е исплатлива опција, се разбира поддржани со одредени субвенции од Градот и од државата. Тоа се мерките кои генералано ги предлагаме за намалување на загадувањето, рече Дединец.
Ако се споредат секторите транспорт и домаќинство, 90 отсто од ПМ емисии доаѓаат од домаќинстава, а само 10 отсто се од транспортниот сектор. Ако се погледнат NOx емисии, кај нив транспортот е најголем учесник во тие емисии со околу 60 осто, додека домаќинставата ги надополонуваат останатите 40 отсто. Дединец рече дека планираат во следниот период да го следат секторот индустрија.
– Со примена на мерките во домаќинствата креиравме две сценарија до 2025 година. Со примена на мерките во домаќинставата сметаме дека може да дојде до намалување на 93 отсо на ПМ емисиите кои доаѓаат од секторот домаќинство, додека во транспортниот сектор овој процент е доста помал, околу 20 отсо намалување на ПМ емисиите, рече Дединец.
Раководителот на Секторот за зашита на животната средина во Град Скопје, Цветанка Икономова Мартиновска изјави дека за загадувањето во главниот град виновни сме сите и никој не може да биде амнестиран. Им препорача на скопјани да се придржуваат на препораките кои ги даваат стручњаците и раководните лица на сите одговорни институции во државата и со тоа, како што рече, да придонесеме за подобрување на квалитетот на воздухот во нашиот град.
Таа додаде дека субвенционирањето за набавка на печки на пелети за граѓаните на Скопје за годинава заврши, но во буџетот за 2019 Град Скопје планира 15 милиони денари за субвенции за набавување печки на пелети што е повисока сума за 50 отсто од годинашнава.
– Интересот е огромен и во изминатот период веќе 1.000 домаќинства добија вакви печки на пелети. Град Скопје прв го иницираше овој начин на греење и по негов пример тргнаа и другите општини, како Гази Баба и Аеродром кои распишаа јавни повици за субвенционирање на граѓаните, рече Икономова Мартиновска.