Привршува бербата на трпезно јаболко во Преспанскиот регион, но производителите не се задоволни од откупната цена која достигнува осум до 10 денари. Велат, споро оди и откупот на индустриското јаболко чија цена моментно е еден денар за килограм.

Според претседателот на Здружението на овоштари во Преспа, Љубе Пампулевски, има трпезно јаболко малку оштетено од градот кое се откупува по шест денари.

Основните трошоци за производство на килограм јаболко се 10 денари поради што моментната откупна цена не е рентабилна.

-Цената треба да биде над 10 денари за да биде рентабилно. Сега производството е нерентабилно. Единствена помош за да можеме да егзистираме до следната сезона се субвенциите што ги добиваме по хектар, истакна Пампулевски.

Според него, досега се откупени околу 20.000 тони индустриско јаболко што е само една третина. Има најмалку уште 60-70 отсто, кое калира и скапува на нивите, изјави Пампулевски.

Снегот што го зафати Преспанскиот регион ја стопира бербата на трпезното јаболко, но доколку дозволат временските услови ќе се собере за неколку дена, а индустриското за три до четири недели.

За рентабилно производство, Владата воведе нова интервентна субвенција од три денари за килограм предадени јаболка кај регистрирани откупувачи кои вршат извоз. Министерството за земјоделство информира дека од 12 октомври, кога се донесе мерката, заклучно со 16 ноември беа откупени 20.000 тони јаболка.

Интервентната мерка за извоз на јаболка ќе биде активна до 25 декември. Според проценките на МЗШВ, дотогаш би се откупиле и субвенционирале околу 50.000 тони јаболка.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2018 17:58