Петмината осомничени биле учесници во физичка пресметка во Гостивар, каде на 14 ноември годинава, во 14:00 часот во центарот на градот, на улицата „Браќа Ѓиновски# нападнале две лица употребувајќи физичка сила и дрвени палки. Мотивот за нападот е предмет на натамошно утврдување во истражна постапка која ја води надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар.
Како што соопшти Јавното обвинителство, за стореното кривично дело Министерството за внатрешни работи по спроведена акција лиши од слобода пет лица. ОЈО Гостивар поведе постапка во која лицата ги гони за сторено кривично дело насилство. Имајќи ги предвид видот и тежината на стореното кривично дело, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави предлог за определување на мерката притвор за сите петмина осомничени. Судот со решение го прифати предлогот на Обвинителството, по што на тројца од осомничените им определи притвор во времетраење од 30 дена, а на двајца од осомничените им определи куќен притвор.
Од Обвинителството информираат дека надлежниот обвинител кој постапува во предметот денеска го обжалил донесеното решение на Судот, во делот на определената мерка куќен притвор.