На денешен ден пред 23 години во американската база Рајт Петерсон во Дејтон е парафиран Општиот рамковен договор за мир во БиХ, со што беше завршена војната во Босна и Херцеговина.

Дејтонскиот договор, по тринеделни преговори, го потишаа тогашните претседатели на Србија, Слободан Милошевиќ на БиХ Алија Изетбеговиќ и на Хрватска Фрањо Туѓман.

Договорот беше парафиран во присуство на тогашниот државен секретар на САД Ворен Кристофер, а освен него главни американски посредници беа Ричард Холбрук и генералот Весли Кларк.

Дејтонскиот договор официјално беше потпишан на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз, а Денот на воспоставувањето на Општиот рамковен договор за мир во БиХ – 21 ноември е празник и неработен ден во Република Српска.

Сите тројца потписници на договорот се починати, оригиналот на документот е изгубен, а политичарите во БиХ се уште расправаат за негова ревизија. Почина и поранешниот меѓународен пратеник за Балканот и автор на Дејтонскиот договор, американскиот дипломат Ричард Холбрук.

Со договорот кој беше парафиран во воената база Рајт Петерсон во американскиот град Дејтон, после три неделни преговори меѓу челниците на БиХ, Хрватска и Сојузна Република Југославија, со посредство на САД, БиХ беше поделена на два ентитети – Федерација БиХ и Република Српска.

Еден од главните принципи на кои е засонован Дејтонскиот договор е поделба на БиХ по клучот 51 отсто за територијата на Федерација БиХ и 49 проценти за Република Српска, и Дистриктот Брчко.

Потписниците се обврзааа дека односите меѓусебно ќе ги регулираат според Повелбата на ОН, Завршниот акт од Хелсинки и други документи на ОБСЕ со меѓусебно почитување на суверенитетот и решавање на спорови исклучиво на мирољубив начин.

Парламентот на СР Југославија на 13 ноември 2002 година го ратификуваше Дејтонскиот договор со што СРЈ јасно им порача на соседите дека нема територијални претензии кон БиХ и оти во целост ќе ги почитува одредбите од Дејтон.

Првите пет години по потпишувањето на договорот, во Дејтон секој ноември со меѓународни собири се одбележуваше годишница од завршувањето на војната во БиХ.

Последен пат претставници на државите потписнички и меѓународните посредници се собраа во базата Рајт Петерсон во ноември 2000 година, но на одбележувањето на јубилејот тогаш не присуствуваше ниту еден од потписниците.

Поранешниот меѓународен пратеник за Балкан Ричард Холбрук, кој се смета за главен архитект на договорот, во Сараево во октомври 2005 година рече дека Дејтонскиот договор ја запрел војната во БиХ, но оти во него постојат и некои грешки кои се создале воглавно поради неговото неспроведување.

На Холбрук на десетгодишнината од потпишувањето на договорот во Дејтон му беше врачена Дејтонската награда за мир во знак на признание за постигнување на Дејтонскиот договор.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 11:46