Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, говорејќи на настан во Атина, откри дека до Обвинителството испратил случаи со грчки дипломати кои биле вмешани во нелегалната мрежа за издавање визи на деца без придружба.

Коѕијас истакна дека дипломатите издавале визи за деца, што според него, значи трговија со органи, а некои од нив завршиле во затвор, јави дописничката на МИА од Атина.

– Не се согласувам дека не направивме ништо. До обвинителството за прекршување на крвичниот законик испратив 93 случаи, а неколку дипломати стигнаа до затвор бидејќи издаваа визи на мали деца без придружба. Знаете што значи визи за мали деца без придружба? Значи трговија со органи. Со самото тоа што спасив неколку мали души, ќе спијам мирно кога ќе заврши мојот живот, рече поранешниот шеф на грчката дипломатија.

Изјавата на Коѕијас, предизвика реакции во Грција.

Владиниот портпарол и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос изјави дека, поранешниот шеф на грчката дипломатија добро направил што случаите ги одвел пред лицето на правдата и додаде дека според неговите информации за некои од случаите веќе постои и прогласување виновност.

Надлежниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, на неговиот официјален Твитер профил, за изјавата на Коѕијас напиша дека поранешниот шеф на грчката дипломатија, изолираните случаи што се за осуда, ги претворил во општа навреда на дипломатската служба.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, со соопштение се јави и Сојузот на дипломатски службеници и изразува силна спротивставеност со изјавите на Никос Коѕијас.

– Овие изјави се длабока навреда за дипломатскиот сектор, бидејќи создаваат лажен впечаток дека постои голем број вработени во МНР, кои што се вмешани во кривични случаи, го поткопуваат авторитетот на Министерството, а со тоа нанесуваат штета на надворешната политика на земјата. Потенцираме дека во Министерството за надворешни работи случаите на корупција се мали и се однесуваат на изолирани случаи, се наведува во соопштението од Сојузот на дипломатски службеници.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 11:47