Амбасадорката на Косово во САД, Влора Читаку изјави дека синоќешната победа на фудбалската репрезентација на Косово врз Азербејџан не може да претставува надоместување за поразот што таа и нејзините колеги го доживеаја при обидот да ја зачленат земјата во Интерпол, јави дописникот на МИА од Приштина.
Читаку на својот профил на Фејсбук напиша дека косовските фудбалери ѝ дадоа добра лекција на политиката за тоа како се бори за победа и како се завршува работата тимски.
– Можеби е подобро ние кои сме во дипломатијата да не зборуваме ништо. Впрочем, се мислев многу да не коментирам, но не издржав. Еве ќе кажам: Благодарам момчиња! Еден народ кој беше растргнат од утринскиот пораз го направивте да се радува со солзи во очите. Сигурно оваа победа не е надоместување за мојот и поразот на моите колеги. Но една добра лекција ни дадовте, не научивте како се прави тимот. Како се бори за победа, напиша Читаку.
Косово вчера претпладне, во Дубаи, доживеа неуспех при обидот да се зачлени во Интерпол, а косовската фудбалска репрезентација синоќа го порази Азербејџан со 4:0 и го освои првото место во својата група во Лигата на нациите.