Масивен ѕид открија археолозите од НУ Музеј Куманово при годинашните ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане, соопштија денеска надлежните од установата.

Ѕидот досега не бил регистриран на локалитетот и се протега од североисток кон југозапад. Камените блокови на некои места се долги повеќе од еден метар, широки околу 80 сантиметри и претставуваат скапа и тешко изводлива инвестиција на локалитетот, која била потребна за некоја монументална зграда, храм, палата или сличен објект.

Истражувањата на кумановските арехолози се одвиваа 25 дена и се продолжение на претходните ископувања на овој локалитет од 2014 до 2017 година под раководство на проф. д-р Марјан Јованов. Годинава, појаснуваат од музејот, ископувањата биле сондажни и се одвивале западно од истражениот простор, со цел да се добие увид во секојдневието на луѓето во населбата, што е различно во однос на претходните години кога се истражуваа монументалните градби.

При ископувањата на највисокиот сектор, акрополата, пронајдени се остатоци од објект вдлабен во карпа, приспособен или за живеење, или како работна просторија. Археолозите пронашле и камени блокови обработени со декоративни елементи, во ист стил како и во претходно истражениот простор.

– На овој простор истраживме и еден хоризонт од пораното, железнодопско користење на локалитетот. Во сондите западно од акрополата, во понискиот, карпест дел од локалитетот, пронајдени се елементи кои укажуваат на можни ритуални активности. До самата карпа има пристап преку вдлабени скали, преку кои се доаѓа на платформа од набиена земја и речен, ситен камен. На платформата има јами од коишто дел можеби служеле како фундамент за некоја покривна конструкција, но во некои беа пронајдени и фрагментирани фигурини на божества (калапени, датирани во хеленистичкиот период), како и голем број фрагментирана керамика од различен временски период (железно време до хеленизам, 7-3 ек. п.н.е.), што го чинат просторот во голема мера сличен на 1500 години постарото Кокино, изјави Дејан Ѓорѓиевски, археолог во Кумановскиот музеј,

Наодите, како и претходните години, потекнуваат од 4 до 3 век п.н.е. (т.н. хеленистички период), со тоа што оваа година, првпат е истражен и праисториски хоризонт на живеење од 7 век п.н.е.

Од Кумановскиот музеј се надеваат дека ископувањата на овој значаен локалитет ќе продолжат и наредната година, бидејќи локалитетот и откритијата се многу значајни за овој дел од Македонија.

Локалитетот е откриен пред околу 30 години и уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 18:21