Националната галерија на Македонија (НГМ) денеска во Даут-пашин амам ќе ја отвори традиционалната годишна изложба на основни училишта, која ќе може да се посети до 24 ноември.

Секоја година изложбата третира тема поврзана со некој од големите македонски ликовни автори, со цел учениците да ги продлабочат знаењата за уметничкото наследство, да ги запознаат уметниците и нивните дела. Воедно основците учат и за различните ликовни правци, материјали и ликовни техники.

Оваа година изложбата е насловена „Дада и јас“ затоа што учениците од различна возраст беа инспирирани од творештвото на Драган Попоски-Дада чии дела беа поставени на изложба во галеријата.

– Преку забава и игра тие со глина моделираа и создаваа креации многу слични на оние од големиот уметник. Покрај со глина, свои креации тие изработија и со стиропор, направија и голем број цртежи, а од сите изработени творби произлезе изложбата насловена токму „Дада и јас“, соопшти НГМ.

На изложбата од учениците претходеа организирана посета на изложба, предавање за уметникот и прикажување документарен филм, со што беа подготвени да учествуваат во креативните работилници создаваќи творби по примерот на уметникот.

Годишната изложба на основните училишта е традиционална и, како што нагласува НГМ, од досегашните искуства таа е одлична можност учениците да ги усовршат своите творечки способности и да ги развијат фантазијата и визуелното помнење.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 18:54