Косовскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Беџет Пацоли изјави денеска дека одлуката на косовската Влада за зголемувањето на таксата за увоз од Србија за 100 отсто е „во рамки на напорите да се гради една достоинстена косовска држава“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пацоли преку објава на Фејсбук порача дека денешната одлука не е насочена против српското население кое живее во Косово.

– Истата мерка се однесува и на државата Босна и Херцеговина, која дејствува во синхронизација со политиките на Србија во однос на Косово. Посакувам и се надевам дека оваа мерка нема да предизвика пораст на цените на основните продукти во Косово, бидејќи за такво нешто нема причина. Ние ќе бидеме со трговците, производителите и граѓаните, со цел се што е предвидено со владината одлука да се реализира во пракса, напиша Пацоли.

Тој ги отстрани дилемите кои се појавија во српските медиуми дали и тој лично се согласил со новата мерка на косовската Влада, нагласувајќи дека одлуката била едногласна.

– Денешното гласање на седницата на Владата беше едногласно, исто како што е обединета и владејачката коалиција, порача шефот на косовската дипломатија.

Српските медиуми објавија слика од владината седница на која се гледа дека Пацоли не кренал рака при гласање на седницата на Владата.

Кабинетот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај одлучи денеска да ги зголеми за 100 отсто таксите на производите кои се увезуваат од Србија и Босна и Херцеговина.

Како и при првото зголемување за 10 отсто од пред неколку недели, образложението на Владата во Приштина е дека таквиот чекор се презема „поради дивата кампања на Белград против косовската државност и попречувањето на зачленувањето на Косово во меѓународните организации“. Директен повод за денешната одлука на Владата во Приштина е вчерашното блокирање на Косово од страна на Србија при обидот за зачленување во Интерпол.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 18:54