Со предавањето „Помеѓу политиките на задолжување и неофашистичкиот бран во светот“ на Маурицио Лазарато, италијански социолог, филозоф и активист кој живее и работи во Париз, вечер од 19 часот во Музејот на современа уметност ќе биде отворен третиот Меѓународен фестивал за критичка култура-КРИК организиран од „Контрапункт“.

КРИК (Критика-Реакција-Идеја-Конфронтација) во делови ќе се одржува до 19 декември и ќе опфати предавања, уметнички презентации, дискусии, работилници и филмови. Генерална тема е „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“. Организаторот најави дека КРИК ќе ги преиспитува парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското низ патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството.

-Нашата цел е преку КРИК 03, низ лабораториски концепт кој подразбира разноликост на уметнички и дискурзивни практики, да ги истражиме можните стратегии за реформулирање на псевдоимперативните општествени и политички стабилности, создавајќи платформа за нови, нестабилни, критички политички и социокултурни наративи. Соочени со подемот на национализмите, изолационизмот, автократиите, ориентирањето кон неофашистичката политика, повеќе од јасно станува дека либералната репрезентативна демократија е во слободен пад. Оттаму чувството на постојана вонредност, на длабика исклучуеност од страна на апаратусите на моќта, наведува „Контрапункт“.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 18:56