Владејачкото мнозинство и опозицијата мора да побрзаат да постигнат заеднички договор за изборните реформи, порача амбасадорот на ОБСЕ во Тирана, Бернд Бошард.

Тој смета дека почетокот на подготвителната работа од страна на Централната изборна комисија на Албанија (ЦИК) не ги попречува изборните реформи, но изрази жалење поради нецелосниот состав на комисијата.

Бошард се уште се надева дека албанската политика ќе најде заеднички јазик за постигнување консензус за изборните реформи.

Иако Централната изборна комисија започна со подготвителна работа за локаланите избори, закажани за 30 јуни следната година според стариот законик, тој, не гледа никакви пречки за продолжување на работата на ад-хок парламентарната комисија за изборните реформи.

-Започнувањето со работа на ЦИК не значи дека работата на комисијата за изборни реформи е запрена, бидејќи сеуште може се да се регулира. Среќен сум кога слушнав од претседателот на Демократската партија дека е подготвен да продолжи со работа во посебната комисијата за реформи. Треба да се напомене дека и покрај ова, работата продолжува. Постојат некои работи што може да се решат во последен момент, но има уште неколку работи за кои е потребно повеќе време. Треба да се има предвид како ќе биде применета нова технологија за гласање, која бара повеќе време, како и некои други препораки на ОБСЕ/ОДИХР, дури и деполитизацијата на комисиите. Сето ова треба да се земе предвид, изјави Бошард.

Амбасадорот на мисијата на ОБСЕ изрази жалење поради двете празни места за опозицијата во ЦИК, но не заборави да спомне дека на претходните избори комисијата работела со четворица членови а сега имала пет.

Амбасадорот на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца денеска упати јасна порака до Албанија дека треба итно да ги усвои изборните реформи. Тој го посочи фактот дека тоа треба да се регулира шест месеци пред локалните избори, кои се закажани за 30 јуни 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 18:56