Македонскиот композитор Вулнет Таири го објави својот прв компакт-диск со пет композиции за различен инструментален состав, како избор од неговиот досегашен композиторски опус.

Како што соопшти СОКОМ (Сојуз на композиторите на Македонија), на цедето се наоѓаат: „Четири пиеси“ за дувачки квинтет во изведба на ансамблот за современа музика „Сонорис“, „Трио“ за обоа, кларинет и фагот во изведба на ансамблот „Хоризонте“ од Германија, „Циклус песни бр. 2“ за глас и пијано во изведба на Марија Муратовска – сопран и Шкељзен Бафтиари – пијано, „Квинтет“ за флејта, кларинет, пијано, виолина и виолончело во изведба на ансамблот за современа музика „Сонорис“, како и Симфонија бр. 1 во изведба на оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар.

Уредник на изданието е музикологот Марко Коловски, издавачи се Музичкиот издавачки центар, Сојузот на композиторите на Македонија и Македонска радио-телевизија, а е поддржано од Министерството за култура на Р. Македонијa.

Вулнет Таири (1982) и припаѓа на помладата генерација македонски композитори. Музичко образование (композиторско и теориско) стекнал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на проф. Гоце Коларовски и проф. Тома Манчев. Покрај кон творештвото, својот интерес Таири го насочува и кон музичката педагогија, при што за кус период го помина патот од наставник во Основното музичко училиште во Гостивар (солфеж и теорија на музика), до универзитетски професор. Од 2009 година тој на Факултетот за музичка уметност на Тетовскиот државен универзитет го предава стручниот предмет Оркестрација.

-Вниманието на стручната јавност го свртува уште во време на студентските години (2004 и 2005) кога некои од неговите младешки дела доживуваат први изведби. Во ова време пишува главно камерни дела, а потоа, постапно стигна до совладување на големите музички форми.Неговите дела се изведувани во земјите на Балканот, Европа, па дури и во САД, а постојано се изведуваат и на фестивалите „Денови на македонска музика“ и „Скопско лето“, соопшти СОКОМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 19:24