Владата на Косово одлучи попладнево да ги зголеми таксите на производите кои се увезуваат од Србија за 100 отсто, јави дописникот на МИА од Приштина.
Еден ден по неуспешниот обид на Косово за зачленување во Интерпол, на предлог на косовскиот министер за трговија Ендрит Шаља, Владата на Рамуш Харадинај одлучи да ги зголеми за 100 отсто таксите, кои пред две недели беа покачени за 10 проценти.
– Од денеска се воспоставува мерката од 100 отсто такса на производите со потекло од Србија, изјави Шаља на владината седница.
Премиерот Харадинај соопшти дека одлуката стапува во сила веднаш и им наложи на надлежните институции веднаш да почнат да ја спроведуваат.
Како и при првото зголемување на таксите за 10 отсто, образложението на Владата во Приштина е дека таквиот чекор се презема „поради дивата кампања на Белград против косовската државност и попречувањето на зачленувањето на Косово во меѓународните организации“.
Во првите реакции на ваквата одлука во Приштина се вели дека со ова Косово и објави „економска војна“ на Србија.
Ваква и слични мерки, по вчерашниот исход на гласањето за прием на Косово во Интерпол, јавно побараа повеќе албански јавни личности и политичари во Косово, како од власта, така и од опозицијата.