Алтернативниот министер за финансии на Грција, Јоргос Хулиаракис денеска на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис му го достави Предлог-буџетот на земјата за 2019 година.

Според извештајот на грчкиот финансиски совет, во првиот буџет откако Грција заврши со програмите за спас, предвидени се „позитивни мерки“ во висина од 910 милиони евра, примарен суфицит од 3,6 отсто од БДП, односно 6,945 милијарди евра, наместо 3.5 проценти колку што се споменуваше претходно.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во „позитивните мерки“ предвидени за следната година, освен тоа што нема да бидат дополнително намалени пензиите, меѓу другото, предвидено е и намалување на специјалниот данок за сопственост на недвижности, кратење на придонесите за осигурување за самовработени и земјоделци, надоместоци за домување и субвенции за придонесите за млади работници.

Грчкиот финансиски совет, во своето мислење за државниот буџет за 2019 пишува дека нето приходите се очекува да достигнат 53,806 милијарди евра, зголемени за 190 милиони евра во споредба со 2018. Ова зголемување главно се должи на зголемувањето на приходите од даноците.

Од друга страна, вкупните расходи на државниот буџет за 2019 година се проценуваат на 56,956 милијарди евра, што е за 573 милиони евра помалку споредено со целта на средорочната рамка за финансиска стратегија за периодот 2019-2022 година.

Буџетот, следната седмица, од 26 до 28 ноември ќе биде разгледан на комисијата за финансии, по што ќе следи петдневна расправа на пленарна седница во грчкиот Парламент, што ќе започне на 12 декември, а на 18 декември ќе биде гласањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 19:27