Претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ изјави денеска дека одлуката на Приштина да ги зголеми таксите на производи од Србија и БиХ на 100 отсто е погрешна и ги урива постулатите, целта и намената поради која е основана ЦЕФТА.

– Ако тоа е одговор поради резултатот од гласањето за членство во Интерпол, мислам дека Косово одбрало погрешен метод и начин и испраќа лоша порака, истакна Звиздиќ.

Тој смета дека одлуката ќе биде повлечена и без причина е донесена.

– Патот треба да биде дијалог, разговор и компромис, како и почитување на меѓународните стандарди, нагласи Претседавачот со Советот на министри на БиХ.

Во меѓувреме, и босанскиот министер за трговија и економски односи Мирко Шаровиќ упати критики за таквата одлука на Косово, нарекувајќи ја „непријателски акт“ и нарушување на ЦЕФТА.

– Одлуката на Косово е бесмислена и реваншистичка и е резултат од вчерашниот пораз во Генералното собрание на Интерпол. Босна и Херцеговина не го заслужува тоа. Станува збор за непријателски акт. Кога воведувате такса од 10 проценти, тоа може да има и некаква економска логика, но од 100 отсто – тоа е знак дека таа земја не сака да соработува со вас, нагласи Шаровиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 20:36