За седум години е одложена обврската да се пријавуваат во електронскиот систем за даноци во УЈП за пензионерите кои не остваруваат друг приход освен пензија, информира директорката на УЈП Сања Лукаревска.

Таа на денешната прес-конфернеција нагласи дека до крајот на октомври во електронскиот систем биле евидентирани 36 илјади граѓани, а до денеска вкупно се пријавени 300 илјади корисници. Очекува до крајот на годинава без поголеми проблеми да се заврши обврската, иако вкупно треба да се регистрираат околу 900 илјади даночни обврзници.

За таа намена, како што кажа, се поставуваат мобилни шалтери на УЈП по општините, дури и во најистурените места, а мобилни екипи на Управата ги посетуваат домовите на изнемоштените лица кои не се во состојба сами да се регистрираат и да го однесат документот.

Граѓаните кои имаат потреба да дојде кај нив мобилна екипа може да се јават на телефоните на Управата и да договорат термин.

За оние, пак, кои при регистрацијата го загубиле ливчето што треба да го однесат во УЈП неопходно е да одат на шалтерите на УЈП и таму да им се испечати пријавата.

Прашана зошто граѓаните и покрај електронското евидентирање мора да однесат пишан документ во Управата, Лукаревска рече дека тоа се прави заради заштита на нивните податоци и да бидат сигурни дека даноците ќе им бидат пресметани на лицата на кои треба.

Во Македонија, како што кажа, согласно податоците од изминатите години има околу 45 илјади пензионери кои остваруваат дополнителни приходи освен пензијата. Кај нив, посочи, постои расположение да се евидентираат во електронскиот систем e-personalen danok.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2018 13:33