Со музичко-поетскиот перформанс „Поетска сина ноќ“, вечер во Радовиш почнуваат 45. Караманови средби. На манифестацијата со врвни уметнички дела и креации ќе учествуваат триесетина уметници и поети, членови на ДПМ и гости од пет балкански земји.

Како што најавуваат организаторите, до 24 ноември Радовиш ќе биде македонски, но и балкански Олимп на поезијата и ументоста. Центарот за култура „Ацо Караманов“ во соработка со библиотеката „Браќа Миладиновци“ и Друштвото на писателите на Македонија ќе реализара богата програма во која мултимедијално, со спој на сите уметности, ќе се чествува ликот и делото на младиот македонски гениј Ацо Караманов.

На централниот настан, утре, ќе биде доделена наградата за најдобра поетска книга по распишаниот анонимен конкурс од страна на средбите. Во конкуренција од 40 поетски ракописи стигнати под шифра до Советот, овогодишен добитник на наградата „Карманов“ е поетесата од Словенија со македонско потекло Соња Цекова Стојаноска за стихозбирката „Разгранети мисли во пајажина“. Во најтесен избор влегоа и стихозбирките на поетите: Даниела Андоновска Трајковска, Сузана Мицева и Михајло Свидерски. Советот на средбиѕте за сите нив обезбеди вредни награди и признанија.

Ацо Караманов, херојски загинал на 9 октомври 1944 година на само 17 години, храбро борејќи се за слободата на Макеоднија. Тој е првиот модерен македонски поет кој особено во македонската модерна поезија ги внесува импресионизмот и експресионизмот.

Манифестацијата „Караманови средби“ се одржува со поддршка на Министерството за култура, градоначалникот на општина Радовиш Герасим Конзулов и рудникот „Бучим“.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2018 19:07